
Масовно убиство и тешко загрозување на човековите животи и безбедноста – вака родителите на починатите деца од пожарот во Пулс ја карактеризираат трагедијата. Бараме надлежните институции да постапат професионално, непристрасно и во согласност со важечките закони и меѓународни конвенции, и целосно се оградуваат од каква било политичка манипулација не дозволувајќи овој трагичен настан да се користи за собирање политички поени од кој било субјект, без разлика дали е од власта или од опозицијата.
„Бараме веднаш да се спроведе независна и темелна истрага за сите околности поврзани со настанот, со цел да се утврди дали биле испочитувани сите законски норми и регулативи за работењето на објектот. Сакаме да знаеме дали дискотеката поседувала валидна документација за работа, дали биле извршени сите потребни контроли од страна на надлежните инспекциски служби, и дали се постапувало согласно законот во делот на урбанистичките, градежните, санитарните, безбедносните и противпожарните стандарди. Потребно е да се утврди дали нечија немарност, злоупотреба или незаконско дејствување довело до оваа трагедија.
Воедно, бараме да се утврди и дали институциите што имаат надлежност за надзор, одобрување и контрола на објекти од ваков тип, навремено постапувале и дали ги исполниле сите свои законски обврски. Доколку се утврди дека одредени службени лица, органи или субјекти пропуштиле да постапат согласно законот, бараме тие да бидат идентификувани и процесуирани.“ – стои во соопштението од раодителите.
Додаваат дека нема да отстапат од барањето за правда, водејќи се од принципот дека секое човечко право мора да биде заштитено и секоја жртва заслужува одговорност и правна разрешница.
Не бараме ништо повеќе од правда, но таа правда мора да биде неселективна и праведна – велат родителите.
Тие апелираат до обвинителството и полицијата да постапуваат без одлагање, професионално и транспарентно, и да ја известат јавноста за секој чекор во процесот. Очекуваат одговори, резултати и правна разрешница.
Во меѓувреме најавен е и нов протестен марш во сабота во Кочани со почеток од 16:05 часот.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет