„Тошковски глуми експерт за вода, граѓаните на Гостивар се трујат, а ВМРО-ОКГ тера бизнис“, вели Цветаноски

„Водата во Гостивар се уште е опасна, официјално се потврди присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa. Над 50 населени места во земјава имаат загадена вода, тендер патриотите Мицкоски и Клековски ја отруја цела Македонија. И наместо одговорност за овој тотален колапс на здравството, владата на Мицкоски продолжува со импровизации кои го загрозуваат здравјето на луѓето и бизнис зделки на грбот на народот“, вели Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.

„Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува „почести анализи“ на водата во Гостивар. Од кога министер за полиција е надлежен за анализа на водата? Нема место во светот каде министер за полиција, кој до вчера се занимаваше со хиперхлорирање, денес да глуми експерт за анализи на вода.

Каде е министерот за здравство Сашо Клековски? Дали и тој е на екскурзија како Мицкоски? Најважното прашање е: што правеле досега? Зошто анализи најавуваат дури сега, откако илјадници граѓани завршија по амбуланти и болници?

Со денови јавноста беше убедувана дека водата е „технички исправна“, но единствениот „доказ“ беше зборот на Мицкоски. Нема официјален документ. Нема потпишан извештај. Нема институција што презема одговорност и потврдила дека може да се користи техничка вода.

Во меѓувреме, директор на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов јавно потврди дека во водата има бактерија. И сега повторно се врши хиперхлорирање. А кога се врши хиперхлорирање, тоа значи дека водата не е безбедна за употреба, ниту за капење.

Тотален хаос, тотален распад. Сето ова се прави само за да се спаси една лажна изјава на Мицкоски. СДСМ бара Јавното обвинителство веднаш да отвори постапка и да утврди кривична одговорност за свесното загрозување на здравјето на граѓаните.

Одговорност мора да има за Христијан Мицкоски, Сашо Клековски и Панче Тошковски. И додека народот се труеше, Мицкоски и ВМРО-ОКГ имале други приоритети.

Бизнис зделка од 100.000 евра за вода во Гостивар без тендер, без јавен оглас. Додека народот се труе, тендер-патриотите тераат бизнис. Никој нема право да си игра со здравјето на граѓаните, а уште помалку да профитира додека народот се труе“, изјави Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Текстот (Видео) „Тошковски глуми експерт за вода, граѓаните на Гостивар се трујат, а ВМРО-ОКГ тера бизнис“, вели Цветаноски е превземен од МАКФАКС.