
Тивко и без емоции Брегалница отпадна во Втора лига, има ли солзи кај “сините” кои по три години во Првата лига од следната сезона ќе бидат членови на Втората лига.
Многу екипи испаѓале од елитата и играле во понизок ранг на натпреварување, некои екипи дури завршиле и во Трета, па и Четврта лига, но испаѓањето во понизок ранг на натпреварување не секогаш е прифатено лесно од играчите, стручниот штаб и управата.
Солзи, емоции и консолидирање за враќање во друштвото на најдобрите.
Најдобар пример за тоа дека многу боли кога еден тим ќе испадне во понизок ранг на натпреварување се солзите на капитенот на Осогово, Тоше Манов.
Кога Осогово испадна од Втора лига – Исток во Трета лига – Исток, капитенот Манов остана на теренот сам, седнат на тревникот во неверување и солзи во очите, дека неговиот клуб испаднал во Трета лига – Исток.
Тоа е кога тимот го сакате со срце, кога за тимот играте од срце и имате љубов кон дресот кој го носите, кога боли секој пораз, кога секоја солза е искрена и кога не може капитенот да го прифати тој момент.
Пушти ли некој солза за штипската фудбалска гордост за испаѓањето во Втората лига, се чини дека најмногу за тоа ги боли верната навивачка група “Фаланга” и штипјани, а дел од играчите си заминаа, како и странците кои немаат право на настап во Втора лига.
Верната “Фаланга” покажа најголема загриженост за Брегалница, верните навивачи не можат да го прифатат моментот дека нивниот миленик ќе биде во второлигашкото друштво. Наместо тим за Европа, сега треба тим за Прва лига.
Солзи нема, но дали ќе има тим кој ќе ја врати Брегалница во Прва лига, во сезона во која повеќе екипи најавуваат амбиции за Прва лига, а пред Брегалница е предизвикот и околу иднината и кој ќе ја води на патот кон елитата.
Александар Ванев, М-Нет