Тешко гостување на Мал Ајакс кај лидерот, Кратово гостува кај Овче Поле во Свети Николе

Вечерва се отвара 7. коло на Втората футсал лига на Македонија со натпреварот меѓу Шутка 1 и Фудбал Старс од Кочани. По големата победа во претходното коло над лидерот, кочанчани атакуваат на своето трето сезонско славје против дебитантот во првенството.

Двете екипи имаат одиграно по пет натпревари, а од истите учинокот на тимот од Шуто Оризари е две победи и три порази и шест бода, а пак тимот од Кочани има две победи, едно реми и два порази ис едум бода за делба на четвртото место со штипски Мал Ајакс.

Токму утре Мал Ајакс ќе има тешко гостување кај лидерот Каршиака. Домашниот тим во обид за брза рехабилитација по големиот пораз во Кочани, а штипјани ќе се обидат да се вратат на победите по поразот во претходното коло во Штип од Балкан во дерби на двата лански прволигаши.

Во недела на програмата се две средби. Црна Река како фаворит ќе гостува во Прилеп кај Победа, тим кој е единствен без бодови. Овој меч се игра со почеток во 14:30 часот.

Во Свети Николе од 18 часот ќе започне дуелот меѓу Овче Поле и Кратово, поранешниот прволигаш ќе го пречека гостинот во минатото коло ја запиша првата сезонска победа добивајќи ја Победа.

Во рамките на оваа рунда слободна ќе биде екипата на Балкан.

Александар Ванев, М-Нет