
Текстилец УГД стави крај на серијата од четири порази во низа откако славеше на домашен терен, ништо од дербито во Неготино, Вардар го декласираше Радовиш, Пролет со голем пораз, Драчево Јуниор во Македонска Каменица постигна 49 погодоци, вака изгледа епилогот од деветтото коло на Првата ракометна лига.
Бодовите останаа во Штип, Текстилец УГД со триумф од 39:32 над Јехона стави крај на серијата од четири порази во низа и се врати на победите. Штипјани имаа одличен влез на мечот со разлика која по десет минути игра беше 7:2, а на полувреме истата беше плус три 18:15.
Во вториот дел тимот од Гостивар стигаше на минус два, но немаше сили за ништо повеќе од тоа, па Текстилец УГД со мирна завршица го доби мечот со 39:32.
Филип Џинес со 12 гола ги водеше штипјани до петтото сезонско славје, а кај гостинот Виктор Трифуноски имаше 13 гола и со тоа беше најдобар на самата средба во Штип.
Тежок дебакл за ракометарите на Радовиш кој во Неготино беа декласирани до Вардар со 39:26, па наместо дерби видовме меч каде вардарци ја наполнија мрежата на тимот кој минатата сезона испадна од елитата.
Само десеттина минути имаше егал кога беше 6:4, а потоа разликата постојано се зголемуваше и на полувреме Вардар Неготино имаше предност од 21:14 најавувајќи ја големата победа.
Во вториот дел Вардар Неготино правеше серии со по неколку погодоци и разликата постојано растеше до конечните 39:26.
Ѓорѓи Орешков постигна осум гола, а го следеа Мирослав Митевски и Наќе Ѓорѓев со по седум гола, а пак Мартин Димов имашешест.
Во тимот на Радовиш штипјанецот Васе Петров имаше шест гола, а пет постигна Филип Костадинов.
Овче Поле ја продолжи победничката низа откако запиша нова победа над Шампион со резултат од 26:43, во меч каде Теофил Јанев постигна 13 гола, а за Давид Јовчевски погоди 11 пати.
Илинден од Гевгелија се враќа со „полн плен“ добивајќи го Партизан со 30:38, а пак Аеродром со 25:27 ја доби Преспа во Ресен.
Македонија ЃП одигра одличен меч и со десет разлика го доби ланскиот суперлигаш Пролет, конечниот резултат од оваа скопска пресметка беше 30:40. Бојан Чакалиќ со десет гола беше прв стрелец кај победничкиот тим, кај ланскиот суперлигаш Јован Соколоски постигна осум гола.
Драчево Јуниор постигна 49 гола во Македонска Каменица, убедливо го декласираше „фенерџијата“ Сокол Саса со 32:49. Теодор Пецаноски постигна девет гола во тимот на Драчево Јуниор, а го следеше Виктор Панчевски со осум реализации.
Кај тимот од Македонска Каменица со десет гола најдобар беше Мирче Ѓеоргиев со десет погодоци.
Вардар Неготино е лидер со 15 бодови, Пролет и Драчево Јуниор го делат второто место со по 13 бодови, Овче Поле и Аеродром со по 12 бода го делат четвртото место, а пак Македонија ЃП и Радовиш го делат шестото место со по 11 бода.
Илинден и Текстилец го делат осмото место со по десет бодови, а пак по шест бода имаат Јехона и Партизан за дела на десеттата позиција. Преспа е на 12. место со пет бода, Шампион е претпоследен со два бода, на дното е Сокол Саса како единствен тим без бодови со девет порази од толку натпревари.
Александар Ванев, М-Нет