Пратеникот од СДСМ, Миле Талески, на денешната втора собраниска Надзорна расправа за Алта банка, упати прашања до Трифун Костовски како бизнисмен и човек од банкарскиот сектор, да одговори во која улога е повикан да сведочи на втората Надзорна расправа за АЛТА банка, како гледа на овој скандал и улогата на Народната банка, какви сознанија има за сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, неговите бизниси и потеклото на капиталот со кој банката влезе во Македонија.
Талески реагираше на обидите расправата да се пренасочи кон други теми, посочувајќи дека Костовски е повикан во Собранието да одговори на прашања поврзани со Алта банка, а не повторно да се отвораат случувањата со неговата банка од 2020 година.
Тој нагласи дека граѓаните очекуваат конкретни одговори за сомнежите околу спорниот капитал и шемите за влез на српската Алта банка во Македонија, а не дефокусирање од суштинските прашања.
„Искрено размислував што да ве прашам со оглед на тоа дека и вашата улога која е тука за да помогнете во расветлување на сомнежите за криминал, спорниот капитал и шемите за влезот на пералницата на пари на Вучиќ тука во Македонија. Со должна почит, но вие сепак сте личност која била дел од постапка за несоодветен надзор од позиција на претседател на Надзорен одбор на банка, па оттука вашата непристрасна оценка за супервизијата од страна на Народна банка денес е, благо кажано, дискутабилна“, рече Талески.
Талески посочи дека последиците од случувањата со АЛТА банка ги чувствуваат граѓаните кои не можат да располагаат со сопствените средства, вклучително и пензионерите и земјоделците, кои со години ги штеделе своите пари.
Тој побара од Костовски да одговори дали има непосредни сознанија за сопственичката структура на банката и потеклото на капиталот.
„Првото прашање мое е какви конкретни непосредни сознанија или документи поседувате вие за влезот на Алта банка во Македонија, за нејзината сопственичка структура и за потеклото на сомнителниот капитал со кој банката е капитализирана тука кај нас“, рече Талески.
Дополнително, Талески го праша Костовски дали лично го познава Давор Мацура, дали ги познава неговите бизниси и какви сознанија има за потеклото на неговите пари и деловниот кредибилитет.
„Дали, како долгогодишен човек од бизнис-секторот, лично го познавате контроверзниот сопственик на банката Давор Мацура, неговите бизниси, потеклото на неговите пари и неговиот кредибилитет во деловниот свет во кој припаѓате. Барам јасни, конкретни одговори на овие прашања кои што ви ги поставив“, рече Талески.
Во дополнителното прашање, Талески повторно реагираше на избегнувањето на суштинската тема на расправата и побара од Костовски да се произнесе за улогата на Народната банка и гувернерот во целиот процес.
„Вие повторно не послушавте и го зборувавте она коешто не е тема на дискусија, денешна тема на дискусија е Алта банка и затоа со навраќање од 2020 година се избегнува едно суштинско прашање, тоа поради кое што сме дојдени тука денес, а тоа е овој криминал што се случува со Алта банка.Костовски очигледно ја гледаме вашата улога која е тука во собрание и на оние коишто ве повикаат тука да сведочите нив ги нема за присуството политичката партија Левица. Очигледно има некаков си договор за да се прави дефокус од она коешто ги интересира граѓаните. Тоа е во овој момент Алта банка“, рече Талески.
Тој посочи дека доколку Костовски ги оценува како позитивни напорите на Народната банка и гувернерот за пронаоѓање купувач откако банката западна во проблеми, тогаш мора да одговори и на прашањето што треба да биде нивна примарна задача пред да се дозволи влезот на Алта банка во македонскиот банкарски систем.
„Ве прашувам од аспект на вашето искуство, очигледно ова коешто денеска го кажавте дека имате искуство во банкарскиот сектор, дали основната и најважна задача на Народна банка на Република Македонија и гувернерот е само да гасне пожари кои самите ги предизвикале и да бара купувач заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски откако банката мајка ќе пропадне или нејзината примарна законска одговорност е да изврши ригорозна проверка на ризиците, потеклото на капиталот и репутацијата на српскиот сопственик пред воопшто да даде согласност за влез во македонскиот пазар, за да не мора да гасне пожари и да ги остава граѓаните со часови пред банкоматите во обид да дојдат до дел од своите средства коишто со мака ги заработиле“, рече Талески.
Притоа, Талески побара Костовски јасно да ја оцени и улогата на премиерот Мицкоски во барањето купувач за банката, наместо да се избегнува прашањето за тоа зошто не биле навреме проверени ризиците и потеклото на капиталот.
„Барам јасно и прецизно да го оцените ова кое што ви го поставив како дополнително прашање за улогата на Народна банка на Република Македонија, улогата на гувернерот и мешањето на Христијан Мицкоски како претседател на Владата во барањето на купувач на оваа банка којашто е во овој момент пропадната“, рече Талески.
Текстот Талески до Костовски: Не го дефокусирајте случајот со Алта банка, кажете дали го познавате Мацура и потеклото на неговите пари е превземен од МАКФАКС.