
По седум одиграни кола го имаме конечниот изглед на табелата во Првата македонска фудбалска лига откако беа одиграни и одложените натпревари на Шкендија.
Состојбата на табелата е интересна на врвот е Струга Трим Лум со 19 бодови колку што има и Вардар, а веднаш следува Шкендија, актуелниот шампион е трет со 17 бодови на своето конто.
Силекс го следи чекорот на водечките екипи со 15 бодови, откаок кратовскиот тим нанижа два порази во низа, а блиску до водечките екипи е и тимот на Башкими со 13 бодови.
Овие пет екипи се одвојуваат од останатите екипи со двофицрена бодовна залиха и ќе водат борба за местата кои водат кон Европа.
Македонија ЃП со двете победи во низа се искачи до шестата позиција со девет бодови на своето конто, а пак Брера Струмица забележа победи тогаш кога најмногу треба и има осум бодови на своето конто на седмата позиција.
Пелистер е влезе во голема резултатска криза со четири порази во низа и се наоѓа на осмото место на табелата со шест бодови, а пак на деветтата позиција е Арсими со пет бодови, овие две екипи се во бараж зоната за опстанок во Првата лига.
Пет бодови има и Тиквеш кој се наоѓа на десеттото место, Работнички е претпоследен со четири бодови, а на дното е Шкупи, единствен тим кој нема бодови и има седум порази од седум натпревари.
Најмногу победи имаат Струга и Вардар, триумф нема само Шкупи, а овој тим има и најмногу порази вкупно седум. Без пораз по седум кола се екипите на Струга Трим Лум, Вардар и шампионот Шкендија.
Најефикасен напад има Вардар со постигнати 20 погодоци, а најдобра одбрана има Струга која примила само три гола на седум меча.
Најлош напад имаат Тиквеш и Шкупи со по три постигнати гола, а пак Шкупи ја има најлошата одбрана со дури 18 примени погодоци.
Кратењето на лигата прави да имаме неизвесна и интересна сезона, кое сигурно е дека до последонто коло ќе се одлучуваат многу работи, за разлика од претходните сезони кога многу порано била јасна сликата.
Колку за потсетување поради кратењето на лигата последните три екипи директно испаѓаат во Втора лига, а пак екипите на деветтото и осмото место ќе играат бараж за можен опстанок во Прва лига.
Од сезона 2026/2027 Првата лига ќе брои десет екипи односно ќе се скрати за две екипи од сегашните 12.
Александар Ванев, М-Нет