Македонија бележи раст од 7,6 проценти на индустриското производство во 2026 година во споредба со претходната година, додека кумулативниот раст се наоѓа во позитивна зона од 0,2 отсто. Ова денеска на прес-конференција го соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, повикувајќи се на официјалните податоци на Државниот завод за статистика.
Стојаноски потенцираше дека ваквиот резултат доаѓа во период кога голем дел од европските економии се соочуваат со забавување на индустриската активност и бележат негативни стапки.
„Ова не е случајност. Ова е резултат на јасна економска политика и директна поддршка на домашните компании. Владата обезбеди силен финансиски поттик за стопанството преку кредитната линија од 230 милиони евра наменета за домашните претпријатија. Тоа се средства кои не останаа само бројка на хартија, туку завршија во нови инвестиции, нова опрема, проширени капацитети, поголемо производство и нови можности за развој. Кога државата стои зад домашните компании, резултатите се видливи. Расте производството, расте индустрискиот промет, се зголемува економската активност и се отвора простор за нови работни места“, истакна пратеникот.
Стојаноски изрази задоволство што растот во најголем дел е генериран од преработувачката индустрија, сектор кој создава најголема додадена вредност и е клучен за македонскиот извоз.
„Затоа денес можеме со сигурност да кажеме дека економските политики даваат резултати. Не зборуваме за проценки, туку за официјални статистички податоци. Ќе продолжиме со поддршка на домашната економија, на македонските компании и на македонските работници, затоа што само со силна индустрија можеме да обезбедиме повисок животен стандард, повисоки плати и посилна македонска економија. Времето на стагнација завршува. Македонија повторно произведува, инвестира и напредува“, заклучи тој.
Текстот (Видео) Стојаноски: Македонија бележи раст од 7,6% на индустриското производство е превземен од МАКФАКС.