
„Ни ветија да го променат делководот, но откако поминаа изборите нема никаков абер.“ Митре Костадинов од карбинското село Радање револтиран реагира за некоректната постапка од страна на општината. Како што истакна за М-Нет, од страна на надлежните од општината Карбинци дошле само еднаш за да ископат дупка за промена на овој делековод, но од тогаш па до денес тој вели дека нема никакви промени. Додава дека сега останува само длабоката дупка, која претставува опасност за жителите, но и за животните кои секојдневно поминуваат од таму за да отидат на паша.
„Градоначалникот пред три дена да се гласа обеќа ми, ми рече ако не сакаат ЕВН да ја променат бандерата, ние ќе ја сменеме. Дојде, копаа со машината, падна една крава едвај ја спасија турците, а подоцна му велам што биде градоначалниче, вели абе ние мислиме за улична да сменеме, не вика ваква. Така остана, ден денес дупката стои, а јас се тресам. Недај Боже невреме ако фати таа е дрвена бандера клате се.“, истакна Костадинов
За промена на далеководот која ги остава Костадинови без мирен сон, тој се обратил многу пати, но решение на виделина се уште нема.
“Поднесува барање, дојдоа едни од дистрибуцијата што знам какви беа, ми направија проценка 3000 евра ми направија проценка, за да смениле бандерата.“, додава Костадинов
Во согласност со ситуацијата, М-нет телевизија разговараше со градоначалникот на општината Карбинци, Виктор Паунов, кој вели дека бил извршен увид на лице место со што се истакнува дека станува збор за ниско напонска електрична мрежа, која не е во нивна надлежност
„Од страна на општината извршен е увид на лице место, со што се увиде дека станува збор за нисконапонска електрична мрежа и постар делековод. Општина Карбинци нема надлежност за решавање на ваквиот случај, но како Локална самоуправа излегуваме во пресрет на проблемот и затоа ги информиравме ЕВН, и од таму истакнаа дека во следниот период ваквиот случај ќе биде решен.“, истакна Паунов.
Од страна на ЕВН за М-Нет велат дека станува збор за провез од делеководот и доколку истиот е ниско над куќите истиот треба да се затегне. Додадоа дека во најбрз можен рок екипа ќе излезе на терен со што проблемот ќе биде решен.
Лаура Стојанова, М-Нет