Сребро што вреди како злато – Виолета Арсовска со врвен резултат во Москва

Македонската вокална уметница Виолета Арсовска оствари значаен меѓународен успех, освојувајќи второ место (Second Prize – Voice) на престижниот International Moscow Music Competition, чиј 13-ти јубилеен циклус се одржа во главниот град на Русија.

Арсовска настапи во возрасната категорија 36–45 години како единствена претставничка од Македонија, и се издвои меѓу учесници од целиот свет, освојувајќи сребрен пласман во категорија во која не беше доделена прва награда, поради строгите критериуми и високите стандарди на еминентното меѓународно жири.

Жирито беше составено од истакнати професори и музички професионалци поврзани со институции како Московскиот државен конзерваториум, Академијата „Гнесини“, Оркестарот на Бољшој театар, Операта во Лорена, како и музички институти и центри од Осака, Дрезден и други европски и светски културни средишта.

Во рамки на натпреварот, Виолета Арсовска се претстави со внимателно одбран репертоар кој ја спојува македонската музичка традиција и светската вокална класика. Таа ги изведе народната песна „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски, како и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“, освојувајќи позитивни оценки за интерпретацијата, стилот и вокалната зрелост.

Овој успех од Москва претставува силна афирмација на македонската вокална уметност на меѓународната сцена и уште една потврда за квалитетот и посветеноста на Виолета Арсовска, која по добиеното признание најави дека со уште поголема мотивација продолжува по својот уметнички пат.