Советниците од СДСМ во Штип бараат повторување на конститутивната седница

Откако во текот на вчерашниот ден од страна на координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Штип, Душко Иванов беше истакнато дека свечените изјави ќе бидат корегирани и потпишани со Уставното име на државата, денеска со писмено соопштенија се огласија и од советничката група од СДСМ и коалицијата. Од тамо посочија дека денеска ќе испратат известување до Инспекторатот во кое ќе се наведат причините поради кои се уште не се потпишани свечените изјави од нивна страна.

„Советничката група “Најдоброто за мојата општина” во Советот на општина Штип во текот на денешниот ден ќе испрати известување до Инспекторатот за локална самоуправа во кое ќе ги наведе причините поради кои советничката група се уште ги нема потпишано свечените изјави. Нашата советничка група согласно добиеното решение смета дека свечените изјави со Уставното име треба да бидат потпишани на Седница на Совет на Општина Штип, односно конститутивната седница да биде повторена, како што впрочем и е наведено во решението. Советничката група одлуките за своето понатамошно дејствување во Советот ќе ги усогласи со мислењето кое ќе го добие од инспекторатот, а се во насока на доследно почитување на правниот поредок на државата.„- напиша Координаторката на советничката група на СДСМ, Маријана Поповска Рогожарска.

Инаку, свечената изјава не беше потпишана од страна на советниците на СДСМ бидејќи во истата не беше ставено Уставното име на државата, односно со придавката Северна. Советниците од ВМРО ДПМНЕ ги потпишаа изјавите без придавката Северна, по што се изврши вонреден Инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за Локална самоуправа. Потоа следеше указ според кој беа регистрирани неправилности и по кои Советниците од ВМРО ДПМНЕ прифатија да ги корегираат свечените изјави во интерес на граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет