
Лажни лекари преку телефон, среде ноќ, ги вознемируваат и повозрасните граѓани на Штип. Велат дека по ваквите повици остануваат исплашени цела ноќ, а стресот им предизвикува и здравствени проблеми, особено покачен крвен притисок. За среќа, кај оние кај кои сторителите веќе се обиделе да направат измама, нивните деца навреме реагирале и ја презеле слушалката, по што измамниците веднаш го прекинуваат повикот и останауваат анонимни. Граѓаните велат дека ваквото однесување е срамно и дека никој не треба да си дозволи на ваков начин да си игра со туѓиот живот.
Освен преку телефон, измамниците се обидуваат да ги измамат граѓаните и преку лажни СМС-пораки и интернет-линкови. Од МВР предупредуваат на пораки за наводни сообраќајни казни, преку кои се бараат пари и лични податоци.
,,Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи. Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.”, соопштуваат од МВР
И натмау оттаму апелираат до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот- за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка.
СМС известувањата за направен прекршок, велат дека треба да бидат од испраќач “MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи соопштува дека ќе продолжат со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.
Иван Митев, М-Нет