
Со изведување докази на одбраната, во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Одбраната најавила сослушување на вкупно 240 сведоци.
На претходното рочиште во фокусот беа вештачењата поврзани со случајот, при што Јавното обвинителство изрази сериозни забелешки за стручноста, законската оправданост и методологијата на изработеното градежно вештачење. Според обвинителството, постојат недостатоци кои отвораат прашања за неговата објективност и веродостојност како доказ во постапката.
Одбраната, пак, преку сведочењето на технички советник отвори прашања за правната и техничката валидност на проектната документација од 2012 година, поврзана со објектот на поранешната дискотека.
Пред судот беше изнесено тврдење дека таканаречениот „Основен проект“ претставувал само делумна документација, која не ги содржела сите фази предвидени со Законот за градење и не била ревидирана. Според исказот, внатрешното уредување и организацијата на просторот биле направени пред изработката на документот.
Ваквите наводи предизвикаа реакција кај родителите на загинатите млади лица, кои изразија незадоволство од тврдењата изнесени во судницата, особено во однос на времето на изработка на проектната документација и реконструкцијата на објектот.
Судењето го води судски совет, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судскиот процес започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по катастрофалниот пожар што избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група ДНК. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Ева Тушевска, М-Нет