Со 27 изведувачи и исто толку нови песни, следниот викенд во Штип ќе се одржи 41. издание на фестивалот Макфест


Со 27 изведувачи и исто толку нови забавни песни, на 30 и 31 октомври во Штип ќе се одржи 41. издание на фестивалот Макфест. Подготовките се во завршна фаза, а од денеска започнува монтажата на сценографијата. Градоначалникот Иван Јорданов порача дека Општина ќе се потруди
и оваа година да биде добар домаќин, затоа што фестивалот е важен дел од традицијата на негување на македонската забавна музика и култура. Уметничкиот директор Роберт Саздов најави разновидна музичка програма.

,,Како органзиатори ќе се потрудиме да бидиме добри домакини, Штип да биде центар на македонската забавна музика и да продолжиме како град да ја негуваме и да ја оддржуваме македонската музика и култура. Се надевам дека викендот 30 и 31 октомври, ќе бидете присутни и во Штип и ќе бидете дел од овогодинешното издание на Макфест и со тоа да ја продолжиме музичката традиција во Македонија и да се потрудиме да додадеме вредност во македонската музика.“, вели Јорданов

,,Имаме неколку учесници кои што за првпат ќе настапат, сите останати се настапувале на Макфест. Генерално Макфест се движи во водите на забавна музика шлагер, поп, меѓутоа песните се приближно шарени во стиловите и се надевам дека сите ќе уживаат во забавата.“, кажа Саздов

Оперативниот координатор на фестивалот Макфест, Александар Арсовски, вели дека организациските подготовки траеле повеќе од осум месеци и веќе се завршени. Во тек е реализацијата на сценографијата, а годинашното издание, според него, ќе ја збогати домашната забавна музичка сцена со нови песни.

,,На фестивалот, ќе имаат можност да настапат вкупно 27 изведувачи, значи дека ќе ја збогатиме домашната забавна музичка колекција со нови 27 забавни песни. Од аспект на органзиацијата и припремите кои што се отпочнати од пред повеќе од осум месеци од денес, можам да кажам дека веќе целата организациска работа е завршена, моментално почнува да се работи и на дизајнот, односно изведбата на сценографијата. Од денес официјално почнуваме со монтажа на целата сценографија.“, вели Арсовски

Викторија Лоба, Огнен Здравковски и Марија Спасовска, дел од изведувачите на годинашниот Макфест, велат дека им претставува особена чест да настапат на фестивалот, кој им овозможува да ја претстават македонската песна пред публиката на начин на кој таа заслужува.

,,Прекрасно е што имаме традиционално платформа каде што можеме да ја презентираме македонската песна, како што заслужува. Чест ни е.“, велат изведувачите

Макфест и годинава ќе ја продолжи традицијата на промоција и афирмација на македонската забавна музика, со нови песни и изведувачи на фестивалската сцена.

Иван Митев, М-Нет