Слабиот откуп на житарицата создаде демотивација кај младите, без субвенциите ќе бидат целосно во загуба

Земјоделците во штипско и светиниколско започнаа со орање на своите ниви, но ќе има ли кој да ги работи истите, доколку остане незадоволството од откупната цена на житарицата?
Можно е да се дојде до намалување на истите за околу 30 проценти, но сеуште не се дефинирани условите од интервентни фондови, истакна претседателот на асоцијација земјоделци, Гоце Серафимов и додава дека ваквата ситуација е загрижувачка.

“Годинава започнавме, дел од површините ги ораме, рано е сеуште за сеидбата, меѓутоа оваа година има најави дека има незадоволни луѓе во однос на цената и на јачменот, но и на пченицата, што значи дека можно е да дојде до некое намалување за околу 20 до 30 проценти. Имаме некој разговори со министерството, сеуште не се дефинирани условите околу тие интервентни фондови.“, вели Серафимов

Покачувањето на репро-материјалите и нафтата се одраз врз буџетот на земјоделците, а нискиот откуп на производството создава демотивација и за младите земјоделци, по што тие се откажуваат со занимаањето со оваа гранка.

“Тоа е проблем што сите репро материјали се покачени, нафтата исто и затоа цената е исто многу ниска. Оваа година, но и изминатата цената беше многу ниска. Житарицата од девет до 11 денари се движеше за пченицата. Јачменот исто девет до десет денари и поради тоа младите не сакаат да се занимаваат со земјоделие. Имаме помош и од државата, пред неколку дена започнаа да ни ја делат зелената нафта, има зголемување кај неа, меѓутоа пак цената е исто ниска. Еден килограм јачмен не кошта до 14 денари, ама тоа е производ на цената, на ова треба плус да се стави некоа заработувачка, а ние го даваме испод таа цена. Ако не се субвенциите од државата и интервентните фондови, ние работиме со загуба. “, истакна Серафимов

Инаку, во зависност од местоположбата, репро-материјалите и временските услови, во овие подрачја може да се извади најмногу четири тона житарица по хектар, а годинава просекот изнесува два ипол до три тона. Доколку земјоделците немаат никаква подршка од интервентните фондови, тие би биле во целосна загуба во однос на заработувачката.

Лаура Стојанова, М-Нет