„Скопје и Куманово губат 10,2 милиони евра годишно од празни станови, а младите чекаат нови згради“, велат од ДОМ

„Младите брачни парови не треба да чекаат со години да се изградат нови згради за да дојдат до свој прв дом — тие станови веќе постојат и стојат празни. Не се потребни ниту дополнителна бетонизација на градовите, ниту нови и нејасни законски решенија. Потребна е само примена на постојниот Закон за даноците на имот, со што само во Скопје и Куманово ќе се соберат 10,24 милиони евра годишно, средства со кои над 1.200 млади брачни парови секоја година можат да купат сопствен стан“, велат од ДОМ.

„Во ДОМ сметаме дека вистинската станбена политика не смее да се сведува на стимулирање нова градба и уништување на преостанатите зелени површини во услови кога десетици илјади веќе изградени станови се заклучени и надвор од пазарот. Дополнително, нема потреба од импровизации и нејасни законски решенија, бидејќи Законот за даноците на имот веќе содржи јасни и применливи одредби: три пати повисок данок (0,30%) за пријавен, односно пет пати повисок данок (0,50%) за непријавен празен имот што не се користи и не се издава подолго од шест месеци, наспроти основната стапка од 0,10% (и 0,05% за домот во кој се живее).

Поради тоа што општините не ги вкрстуваат податоците за пријавено живеалиште и пријавени договори за закуп со нултата потрошувачка на струја и вода, градежните инвеститори и шпекулантите со повеќе празни станови со години се амнестирани, а локалните буџети само во Скопје и Куманово губат 10,24 милиони евра годишно:

• Буџетот на Град Скопје (4,47 милиони евра): Од вкупно 60.518 попишани празни станови во главниот град, при реален опфат на шпекулативните и непродадените станови, вкупната годишна загуба изнесува 8,94 милиони евра, од кои половина (4,47 милиони евра) се директен губиток за централниот буџет на Град Скопје, а другата половина (4,47 милиони евра) им припаѓа на десетте скопски општини.

• Општинските буџети во Скопје (4,47 милиони евра): Најголем дел од општинската половина — вкупно 2,81 милиони евра (или 62,8%) — губат четирите општини со најмногу празни станови: Општина Центар губи 1,02 милиони евра директен општински приход (2,04 милиони евра вкупно сосе делот на Градот), Карпош губи околу 728.450 евра (1,46 милиони евра вкупно), Аеродром околу 700.400 евра (1,40 милиони евра вкупно), а Чаир околу 357.700 евра (715.400 евра вкупно). Останатите шест скопски општини (Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај и Шуто Оризари) заедно губат уште 1,66 милиони евра во своите општински каси (3,33 милиони евра вкупно сосе делот на Град Скопје).

• Буџетот на Општина Куманово (1,30 милиони евра): Од околу 15.000 ненаселени станбени единици регистрирани од ДЗС, каде што целиот приход од данокот на имот (100%) останува во локалната каса, Општина Куманово секоја година губи 1,30 милиони евра (близу 80 милиони денари).

Од ДОМ посочуваме дека општините не треба да купуваат станови ниту да делат неконтролирани субвенции што ги креваат цените, туку собраните 10,24 милиони евра годишно директно и транспарентно да ги насочат за стекнување сопствен прв дом и за природно соборување на цените на пазарот, преку пет мерки:

• Неповратни грантови за учество при купување прв постоен стан: Директна финансиска помош од 6.000 до 10.000 евра исплатена преку комерцијалните банки за покривање на задолжителното учество при купување веќе изграден стан (со јасно утврден ценовен плафон по квадратен метар за да не се субвенционира луксуз). Со овие средства секоја година директно ќе се помогнат над 1.100 млади брачни парови во Скопје и над 160 парови во Куманово.

• Субвенционирање на каматата за станбен кредит: Покривање на каматната стапка во првите пет години од отплатата на кредитот за купување прв постоен стан, со што месечната рата станува значително подостапна за младите семејства.

• Зелени ваучери за реновирање постари празни станови и ослободување од данок на промет: Бидејќи голем дел од празните станови се постари и неадаптирани, младите брачни парови кои купуваат прв постоен стан да добијат ваучер за енергетско реновирање (замена на прозорци, изолација, ефикасно греење) и 100% ослободување од данокот на промет на недвижности од 3 проценти.

• Даночно ослободување при издавање под регулирана кирија: Наместо парични ваучери што ги поскапуваат кириите, сопствениците на празни станови да бидат ослободени од тројниот и петкратниот данок само доколку го издадат станот на млади лица со пријавен договор од најмалку 12 месеци и по достапна, регулирана кирија, со што ќе се зголеми понудата и ќе паднат цените на закуп.

• Соборување на вештачките продажни цени на квадратот: Кога градежните инвеститори и шпекулантите ќе бидат принудени да плаќаат тројно или петкратно повисок данок за заклучените станови, тие ќе имаат економски интерес веднаш да ги спуштат нереалните цени и да ги пуштат постојните станови на пазарот.

Првите домови на младите брачни парови не треба да се цртаат во нови урбанистички планови и да чекаат бетонизација — тие веќе стојат изградени. ДОМ ги повикува градоначалниците веднаш да го применат јасниот и постоен закон, да ги оданочат празните станови и овие над 10 милиони евра годишно да ги вложат во иднината на младите семејства“, се наведува во соопштението на ДОМ.

Текстот „Скопје и Куманово губат 10,2 милиони евра годишно од празни станови, а младите чекаат нови згради“, велат од ДОМ е превземен од МАКФАКС.