
Една седмица пред Велигденските пости, верниот народ ја одбележува Сиропусна недела, период на прошка, смирение и духовна подготовка за велигденскиот подвиг.
Оваа недела претставува последен чекор пред влегувањето во речиси педесетдневниот пост што води кон Христовото Воскресение. Во текот на Сиропусната недела се уште е дозволена употреба на млечни производи и јајца, но веќе не се консумира месо, што симболично означува постепено одрекување и подготовка на телото и духот.
Круна на оваа седмица е денот Прочка – ден кога верниците бараат и даваат прошка, изговарајќи „Прости ми“ и „Простено ти е“. Со овој чин се оставаат зад себе навредите, недоразбирањата и тежината на секојдневието, за во постот да се влезе со чисто срце и помирена совест.
Сиропусната недела не е само црковен обичај, туку и длабоко вкоренета традиција во македонските домови. Семејствата се собираат на заедничка трпеза, се негуваат старите обичаи, а најмладите со радост учествуваат во амкањето – симбол на сплотеност и радост. Овие моменти потсетуваат дека постот не е само воздржување од храна, туку време на љубов, смирение и духовна обнова.
Со завршувањето на Сиропусната недела започнува Велигденскиот пост – период на молитва, покајание и добри дела, кој ги води верниците кон светлината на Воскресението. Токму затоа, оваа седмица има посебно значење – таа е мост меѓу секојдневието и духовното преображение што го носи Велигден.
Иван Митев, М-Нет