
Реконструкција на тоалетите во средното училиште „Коле Нехтенин“, уредување и оградување на дворното место, игралиштето за кошарка и партерно уредување во медицинското училиште. Ова се дел од проектите кои овој период се реализираат во училиштата во Штип, а со цел подобри услови за воспитно – образовниот процес на учениците.
„Целосна реконструкција на тоалетите, за промена на целата санитарија, на санитарните јазли сѐ со цел учениците во ова средно училиште да имаат посоодветни услови. Нема да застанеме овде, во најава е во ова средно училиште да се изврши и промена на осветлувањето со штедливи сијалици“, истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Реконструкцијата на тоалетите не е прв проект којшто оваа година се реализира во ова училиште. Според директорката, Јованка Шалева, се работи на подобрување на безбедноста на учениците, но и нивно доусовршување преку практична настава во општествено – одговорни компании.

„Во изминатиов период, во СОУ „Коле Нехтенин“ беа реализирани повеќе проекти. Во овој момент се работи на реконструкција на санитарните јазли и реконструкција на сите тоалети. Несомено е важно дека во нашето училиште се води грижа за безбедноста на нашите ученици и нашите приоритети и цели се да им обезбедиме безбедна и здрава средина за учење и престој. Работевме на подобрување на квалитетот на образовниот процес, со тоа што голем дел од нашите ученици ја реализираат практичната настава во општествено – одговорни компании“, истакна директорката на училиштето, Јованка Шалева.
Во изминатиов период во СОУ „Јане Сандански“ беше завршена промената на системот за парно греење, а и во другите училишта се врши попраква или замена на парно греењето или некои радијатори. За активностите во училиштето „Коле Нехтенин“ се издвоени 2,6 милиони денари, а во оваа насока до крајот на годината ќе се искористи и остатокот од средствата, со цел да се подобрат услови во основните и средните училишта.
Ребека Спасова М-Нет