
Пред две недели започна реконструкцијата на бугарскиот Граничен премин „Станке Лисичково“, еден од трите на протегањето на македонско-бугарската граница. Од бугарската Агенција „Царина“ велат дека во првата фаза од градежно-монтажните работи, патничкиот и товарниот сообраќај ќе минуваат низ двете постоечки рути, а ќе се зачува досегашната организација на контрола на транспортните средства. Изградбата ќе се одвива од двете страни на постојната инфраструктура. Во втората фаза од градежните работи сообраќајот ќе се пренасочува преку новоизградените траси. Реконструкцијата ќе трае 180 дена и за тој период нема да има запирање на сообраќајот, но можно е соодветно ограничување за некои од учесниците.
Со спроведувањето на реконструкцијата, покрај зголемување на пропусната моќ, велат од Агенцијата „Царина“, ќе се постигне и побрза обработка на густиот сообраќај со собирање во една линија на сите контролни активности (царинска контрола на операции за царинење стоки, преработка со мерење на масата на патните возила, режимот на дозволи, контрола на вињети).
Во информацијата е наведено дека сегашното тесно грло од бугарска страна ќе се прошири на шест ленти по три на влез и излез, а меѓу позначајните работи кои ќе бидат опфатени со реконструкцијата е и изградбата на нова двокатна управна зграда и згради за темелна царинска проверка на камиони и автомобили.
Инаку, последниве месеца се интензивираа активностите и за Граничниот премин „Клепало“. За оваа гранична точка уште во 1993 година на македонска страна беше изградена гранична зграда со сите придружни објекти, која требаше заеднички да ја користат македонската и бугарската гранична служба. Сега од бугарска страна мора да се изгради пат од осум километри што води до граничниот премин Клепало, а од македонска страна ќе треба да се реновира постоечкиот пат кој со време беше оштетен.
Вредноста на проектот е над 15,4 милиони лева без ДДВ, а финансирањето е обезбедено од државниот буџет преку Царинската агенција.
Ребека Спасова М-Нет