Се отуѓуваат две парцели во Три Чешми со намена лесна преработувачка индустрија

Се отуѓуваат две парцели во близина на Три Чешми за лесна индустрија. Станува збор за парцели со различна површина, можност за изградба на приземје и два ката. Целта на Општина Штип е да се формира една индустриска зона кадешто компаниите ќе имаат можност за раст и развој. Повикот е отворен до 23 февруари оваа година, а јавното наддавање ќе се одржи на 25 февруари

„Во тек е првата објава на Општина Штип за 2026 година за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање. Се работи за две градежни парцели кои се наоѓаат во карастарска општина Три Чешми кои се со намена лесна преработувачка индустрија. Овие градежни парцели се со различни површини една е 3600 метри квадратни, другата околу 9500 метри квадратни, истите нудат можност за изградба на приземје и два ката и почетната цена на јавно наддавање е 61 денар за метар квадратен.“ – вели Шорова-Ангелова.

Дополнително продадени се 20 од предвидените 100 парцели за домување во населбата Три Чешми. Во моментот општината работи на поврзување на водоводната и канализациона мрежа, при што ќе бидат распишани и објави за отуѓување на земјиште за изградба на куќи за домување.

„Како резултат на проект кој беше аплициран во Министерството за транспорт беше изградена секундарната инфраструктура за сите оние градежни парцели кадешто во тек е овозможување документација за изградба на предвидените куќи. Општина Штип го продолжи овој проект со тоа што ја поврзува примарната со секундарната инфраструктура во делот на водовод и канализација.“ – додава Шорова-Ангелова.

Во меѓувреме се работи на изградба на два детални урбанистички планови во близина на обиколницата, каде ќе се пристапи кон отуѓување на земјиште за домување, а исто така парцели ќе се продаваат и во населбата Сењак.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет