СДСМ Штип на трибина: Многу ветуваше, а за една година локалната власт малку реализира

Речиси една година локална власт на ВМРО – ДПМНЕ е доволно да се посочи дека многу е ветувано, а малку направено. Ова беше темата на вчерашната трибина на ОО на СДСМ Штип која се одржа во населбата Осми ноември. Според претседателот Јане Миланов, овде се да критикуваат, но и да поддржат ако е нешто добро и во корист на граѓаните.

„Веќе се заокружува скоро една година локална власт од ВМРО – ДПМНЕ, што е период сосема доволен да се подвлече црта, да се направи еден биланс на она што е направено или ненаправено наспроти она што е ветувано во предизборието. Во тој аспект, ние како локална опозиција имаме и право, но пред сѐ и обврска не само кон нашите гласачи, туку и кон граѓаните воопшто, да кажуваме, критикуваме, секако, и да поддржуваме, но такви проекти гледаме многу малку“, истакна Јане Миланов, претседател на ОО СДСМ Штип.

Ништо од јавниот превоз, реконструкцијата на Бањата во Штип, продолжувањето на булеварот „Партизанска“, велат од СДСМ. Според нив, она што е ветувано дека ќе биде испорачано до граѓаните за една година од мандатот, не се гледа.

„Ветувано е: реконструкција на бања Кежовица, ветувани се подземни контејнери, од друга страна гледаме каква е хигиената во градот на сите страни, ветуван е нов стационар за кучиња скитници, а од друга страна гледаме дека не го одржуваат ни постоечкиот, така што градот е преполн со кучиња скитници. Ветуваа бесплатен превоз, ништо и од тоа“, додава Миланов.

ОО на СДСМ Штип има планирано четири вакви трибини, а ова е втората. Следната ќе се одржи во централното градско подрачје, кај малиот плоштад, а последната во паркот во населба Пролет.

Ребека Спасова М-Нет