
Со инсулин или таблети за регулирање на шеќерот во крвта започнува утрото на лицата со дијабетес. Во текот на денот, тие мора да внимаваат на исхраната, односно што и колку јадат. По повод Светскиот ден на дијабетесот, 14 ноември, на терен ги прашавме дијабетичарите како живеат и се справуваат со оваа болест, колку им го отежнува секојдневието и колку се придржуваат до препораките за исхрана и терапија. Велат дека не внесуваат слатки и шеќери, па повеќе се на салати.
Се намалува возрасната граница на лица кои имаат дијабетес тип 2. Се почесто дијабетесот се појавува кај помладата популација, а петпати голем ризик да се појави имаат лицата со метаболен синдром. Најчести причини за ваквата ситуација е консумирањето на нездрава храна, како и слабата физичка активност.
,,За жал дијабетот, притоа мислам на дијабетес тип 2 се почесто се среќава кај помладата популација, а токму метаболниот синдром е оној причинител којшто води до дијабетес. Имено лицата кои имаат метаболен синдром имаат петпати поголем ризик за развој на дијабетес тип 2. Причината за поместување на возрасната граница и се поголем број на помлади лица со дијабетес 2 ја гледам во современиот начин на живеење кој опфаќа се почесто консумирање на ултрапроцесирана храна која е богата со прости шеќери и нездрави транс масти и се поретката физичка активност“ – вели Велковска Накова.
Дијабетесот е хронично заболување кое бара доживотна грижа, редовни лекарски контроли и постојано следење на нивото на шеќерот во крвта, со цел да се спречат можните компликации и да се одржи здравјето на дијабетичарите.
Ева Тушевска, М-Нет