Светите браќа Козма и Дамјан – заштитници на лекарите и чудотворци кои лекувале без награда

Денес православните христијани го празнуваат споменот на Светите бесребреници Козма и Дамјан – браќата кои целиот свој живот го посветиле на лекувањето на болните, не барајќи ништо за возврат. Според христијанското предание, нивната дарба за исцелување била дар од Бога, а единствената награда што ја барале од луѓето била верата во Христа.

Козма и Дамјан рано останале без татко, а ги воспитувала нивната мајка, која била христијанка. Откако наследиле голем имот, го разделиле меѓу сиромашните и христијаните, а својот живот го посветиле на помагањето на луѓето и животните. Поради тоа што никогаш не наплаќале за своите исцелувања, останале познати како бесребреници.За нивниот живот се поврзуваат и бројни преданија. Едно од нив раскажува дека биле одведени во Рим пред царот Карин, кој им наредил да се откажат од Христовата вера. Но, откако успеале да го излекуваат од тешката болест, царот ги ослободил, а според преданието и самиот ја прифатил христијанската вера.

Особено интересно е преданието за трите јајца. Според него, Козма му се налутил на својот брат Дамјан затоа што прифатил три јајца од жена што ја излекувал. Но, Дамјан објаснил дека не ги зел како награда, туку затоа што жената го заколнала во името на Пресвета Богородица да ги прифати.

Светите браќа, според преданието, животот го завршиле во 284 година, по предавството на лекар кој им завидувал на нивната слава. По нивната смрт биле погребани заедно, а верувањето во нивната исцелителска моќ продолжило да живее низ вековите.

Денес, Козма и Дамјан се сметаат за заштитници на лекарите и медицинските работници. Верниците на овој ден се молат за здравје, исцеление и Божја заштита, а народната традиција советува да се избегнуваат тешки физички работи и непотребни излегувања од домот.

Именден денеска слават Кузман, Кузе, Дамјан и Даме и сите изведени форми.

Ева Тушевска, М-Нет