Свети Николе ќе стане центар на првата современа фабрика за отпад во земјава

Општина Свети Николе ќе стане центар за управување со отпад од Североисточниот и Источниот регион. Владата на 107. седница ја разгледа и ја усвои информацијата и го прифати текстот на Билатералниот договор со Европската Унија за ко-финансирање на големиот инвестициски проект „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“.

Претходно од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека изборот на компанија што ќе го спроведе регионалниот систем за управување со отпад треба да заврши најдоцна до крајот на годинава, а во 2022 година се очекуваат изведбените работи на регионалната депонија што ќе се наоѓа во селото Мечкуевци. Изведувачот ќе треба да ја изгради регионалната депонија најдоцна за две години

Со проектот ќе бидат опфатени два региона: Североисточниот Регион (Општините: Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка) и Источниот Регион (Општините: Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Пробиштип, Зрновци, Облешево-Чешиново и Карбинци) и Општина Свети Николе.

Регионалната депонија, каде всушност ќе се преработува 65 отсто од целокупниот отпад собран во 18-те општини од двата региона, ќе биде првата современа фабрика за отпад во земјава. Шест други важни точки во двата региона ќе бидат претоварните станици за отпад во Берово, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Ранковце и Куманово. На шесте локации ќе се собира мешаниот и посебен отпад, како што е градежниот шут, металните предмети, комуналниот опасен отпад (бои, лекови, средства за чистење) и кабастиот отпад (душеци, мебел, теписи итн, а ќе има и постројки за компостирање на градинарскиот отпад.

На централната локација во Мечкуевци да се изградат погони за третман на отпадот, што подразбира механички пред-третман. Посебна постројка ќе има за сортирање  на отпадот и негово рециклирање. Единствено оној отпад што не би можел да се рециклира, ќе треба да заврши во идната регионална депонија што би опслужувала околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет од 900.000 метри кубни отпад.

Ребека Спасова МНет