Сали: Северна Македонија се залага за суштинско вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на работниот појадок на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија, ја истакна важноста од вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност уште од самиот почеток.

Во своето обраќање, министерот Сали нагласи дека странското манипулирање со информации, кибернападите и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество претставуваат заеднички закани за земјите членки на ЕУ и за земјите кандидатки. Според него, демократската отпорност стана суштински дел од европската безбедност.

Учеството во Центарот би ѝ овозможило на Северна Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, механизмите за рано предупредување, експертизата и оперативните мрежи. Истовремено, би ги зајакнало капацитетите за спротивставување на дезинформациите, стратешката комуникација и кибербезбедноста, како и поддршката за независните медиуми и граѓанското општество, придонесувајќи за реформите во темелните области на пристапниот процес.

Министерот истакна дека Северна Македонија има намера да биде не само корисник, туку и активен придонесувач, споделувајќи го своето искуство во справувањето со хибридните закани. Тој информираше дека се започнати внатрешни подготовки за суштинско учество, дека Министерството за правда е определено како координативна институција и дека се назначени контакт-точки за комуникација со Секретаријатот на Центарот.

На крајот, Сали повика на потесна соработка меѓу ЕУ и Западен Балкан, нагласувајќи дека раното вклучување на земјите кандидатки во европските инструменти го претвора проширувањето во конкретен придонес за безбедноста, демократијата и единството на Европа.

Текстот Сали: Северна Македонија се залага за суштинско вклучување на земјите кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност е превземен од МАКФАКС.