
Вие сте потомци на Александар Македонски и време е по неговиот пример и младите да го остават своето име во историјата – вака рускиот готвач Дон Давид, кој пред извесно време дојде од Москва во Штип, зборуваше за младите готвачи на кои им го пренесе своето знаење. Сепак, вели тоа, ова важи и за сите млади без разлика на тоа во која област дејствуваат. Ги мотивираше успешно да чекорат по патот на развојот.
„Имав прилика да видам готвачи-почетници, многу перспективни готвачи кои мислам дека во иднина ќе имаат прилично успешни кариери. Овде во Македонија сѐ се одвива според традициите, што многу ми се допаѓа. Вие сте потомци на Александар Македонски, кој го има оставено своето име во историјата, време е и за младите генерации да го остават своето име во историјата, без разлика во која сфера и во која област функционираат и дејствуваат. Јас сум веќе четврти пат во Македонија и, навистина, сум презадоволен од тоа што го гледам, а на младите готвачи им посакувам да веруваат во себе и успешни кариери во понатамошниот развој“, вели готвачот Дон Давид.
Дека Македонија може да биде една меѓу трите водечки земји во гастрономијата, пак, вели и Драгица Лукин од Хрватска. Таа потсети на старите македонски рецепти, кои лесно може да се актуелизираат и обноват. Вели, не може да издвои десерт кој не ѝ се допаѓа, почнувајќи од овошјето кое успева овде, па до колачите кои секогаш се вкусни и подготвени до перфекција.
„Бидејќи знаеме сите колку е богата македонската кујна и колку уште има тајни рецепти, кои јас како искусен готвач знам колку може да се обноват и да се извлечат од старите рецептури и тоа да се понуди на гостите, бидејќи и состојките, и поднебјето, и луѓето кои се топли, можат да пружат многу повеќе отколку што е тоа во овој момент. Јас како човек кој цел живот пропатувал во оваа бела униформа можам да кажам дека би ми било жал Република Македонија да не оди во рангот со сите медитерански и европски земји во однос на гастрономијата, јадењето, десертите и сѐ останато, затоа што, навистина, заслужува. Имате врвни шефови, Македонија се наоѓа на големо пано на светската готварска сцена и мислам дека сите треба да размислуваме за тоа“, вели Драгица Лукин.
Етаблирани готвачки имиња од екс-ју месецов готвеа заедно со учениците од угостителско-туристичката струка, на кои преку едукативни работилници им порачаа колку е тешко, но и прекрасно да се носи белата униформа. Предавањата во рамки на 7. издание на „Гастромак“ беа предвидени за средните училишта „Коле Нехтенин“ ов Штип и „Димитар Влахов“ во Струмица.
Ребека Спасова М-Нет