РК Младост од Богданци се засили со младиот Аргиров и искусниот српски бек Адамовиќ, Бутел Скопје се засили со репрезентативец од Грузија!

Ракометниот клуб Младост од Богданци за следната сезона има високи амбиции – целта е влез во Суперлигата, а за таа цел тимот покрај засилувањата го ангажираше и искусниот стратег Горан Андоновски од Охрид.

Прволигашот од Богданци го претстави младиот и перспективен ракометар Гоце Аргиров, кој го засили тимот на левата крилна позиција. Аргиров има 19 години, а со своите 185 сантиметри висина, ќе биде вистинско освежување во тимот од Богданци.

Аргиров всушност се враќа „дома“ бидејќи тој потекнува од академијата на Младост, а претходно настапуваше за Астраион од Струмица.

Младост се засилува и со искусниот српски ракометар Лазар Адамовиќ, 30-годишникот висок 192 сантиметри е познат по својата силна шутерска способност и борбеност на теренот, а во Богданци доаѓа од редовите на суперлигашот Радовиш.

Низ својата кариера Адамовиќ има настапувано за неколку екипи во Македонија и Србија, како и во други европски држави и во Младост носи големи искуство.

Адамовиќ ќе биде еден од носителите во играта, а тимот на Андоновски ќе има значително подигање на квалитетот со што Младост се наметнува како еден од фаворитите за влез во Суперлгата.

Суперлигашот Бутел Скопје за новата сезона се засили со грузискиот репрезентативец Давид Гришикашвили. Станува збор за млад лев бек, кој е роден 2007 година, а Бутел Скопје ќе биде негов прв интернационален предизвик.

Гришикашвили е висок 199 сантиметри и тежок 95 килограми, има одлични физички предиспозиции, во младинските репрезентации беше меѓунајдобрите стрелци, а селекторот Тите Каланадзе го повика и за сенирската репрезентација која беше се пласираше на ЕП 2026.

Александар Ванев, М-Нет