
Пазарниот вторник во Облешево незадоволителен и за купувачите и за продавачите. Сточниот пазар со помалку стока, зелениот, пак, со повисоки цени. Африканската свинска чума е значителен проблем за сточарите и поради забраната за добиточни пазари, на пазарот речиси и немаше крупна стока.
„Нема стока моментално, нема ни телиња, прасиња, ни крупна стока. Сега поради мерките од Африканската свинска чума е потешко и нема, а цените ќе бидат и повисоки.“
Според купувачите, пак, пазарџии има, но нема финансиски средства. Примањата – ниски, велат тие, а цените – високи. Предвидувањата се дека цените уште повеќе ќе растат, а за жителите не се доволни минималните покачувања на платите и пензиите.
„Пазарџии има, нема пари. Ништо не е покачено од пензиите, со тоа не можеш да купиш два портокала.“
„Цените се високи, сѐ е поскапнато. Добро е што ќе се качи минималната плата на 18.000 денари, ама многу се поскапнати сите производи.“
Да се работи на пазарот не е исплатливо, согласни се продавачите, но тоа е единственото нешто од кое може да се остварат приходи за секојдневно функционирање. Тоа секој вторник може да се види и во пракса, од недела во недела имa сѐ помалку пазарџии. Речиси празен беше и денес, со малку купувачи и малку продавачи.
Ребека Спасова М-Нет