Реми без голови во Македонска Каменица и Струга, Вардар се спаси во 95. минута

Денес беа одиграни пет натпревари од 21. коло од Втората македонска фудбалска лига. Гледачите на телевизија М Нет ексклузивно во ЖИВО го проследија директно соочување на Каменица Саса и Тетекс во тешката борба за опстанок во Втора лига.

Дербито во Македонска Каменица заврши без победник и без погодоци (0:0) со што двете екипи кои се борат за опстанок мораа да се задоволат со по еден бод.

„Фенерџијата“ Борец на домашен терен беше одново декласиран, откако загуби од Арсими со високи 2:4.
За велешани стрелци беа Манасиевски и Стојановски, а двојни стрелци за Арсими беа Мурати и Асани.

На Градскиот стадион во Радовиш свое соочување имаа Детонит Плачковица и Охрид, а исходот беше реми (1:1) со поделба на бодовите. Радовишани први стигнаа до водство со голот на Филип Димовски, а охриѓани преку Филип Ѓоргоски во 82. минута погоди за конечни 1:1 и бод за Охрид.

Радовиш и понатаму останува “неосвоена тврдина”.

Караорман на домашниот терен во Струга одигра реми без погодоци (0:0) против Кожуф од Гевгелија.

Локомотива како домаќин го пречека Вардар на Градскиот стадион во Кичево, бидејќи теренот на Локомотива е суспендиран. Натпреварот доцнеше петнаесетина минути.

Вардар се спаси во 95. минута со голот на Жоглев и дојде до голема победа во Кичево над Локомотива.

На полувреме резултатот беше 1:1. За Локомотива погоди Сунај Хасан, а пак за “вардарци” погоди Дејан Цветаноски.

Вчера беа одиграни два натпревари од 21. коло од Втората македонска фудбалска лига. Гледачите на М Нет телевизија во ЖИВО преку директен пренос го следеа мечот помеѓу Гостивар и Слога од Виница, меч кој заврши со убедлива победа од 5:0 за Гостивар, а пак Беса со убедливи 3:0 ја декласираше Беласица за 45 минути.

Колото ќе биде комплетирано в среда со дерби-пресметката за Прва лига, помеѓу Воска Спорт и Пелистер, кое се игра на „Билјанини Извори“ во Охрид. Гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност да го проследат во ЖИВО дерби соочувањето за Прва лига.

Телевизија М Нет е единствениот медиум во Македонија, кој ги има ексклузивно ТВ правата за пренос на натпревари во ЖИВО од Втората и Третата македонска фудбалска лига, како и Купот на Македонија со што гледачите уживаат во богатата спортска понуда на М Нет преку директни фудбалски преноси од цела Македонија.