Револтот за рестрикциите со вода во населбата Железника – Штип, изразен преку мирен штрајк.

Жителите од Штипската населба Железничка револтирани поради рестрикциите со основниот услов за живот – водата. На чекор пред празникот на градот Штип,  8ми Ноември, и во време кога изборите за нов градоначалник на градот под Исарот се неизвесност, дозволено е овдешните граѓани да се остават без вода за пиење и по 24 часа. Проблемот не е едноставен, бидејќи доаѓа до расипување на апаратите за домаќинства, а вода се носи со кофи во 21век, дознаваме од жителите на оваа населба. На мирен протест кој тие го организираа денес, побараа од надлежните да преземат одговорност за проблемот со водата и канализацијата. Бидејќи, животот без вода и не можеме да го наречеме живот.  А проблемот на овдешните жители и не е новост. Преку текот на годината истите се оставени без вода, секојдневно речиси по цел ден. Во текот на летниот период водата доаѓа само по 2 часа, за подоцна да ја нема пак. Да се живее во населбата Железничка, која се наоѓа пред Штип, значи да се бара начин да се преживее во смешни услови. Да се молат надлежните да пуштат вода, и да се штрајкува за да се дојде до канализација е принципот за егзистенција овде. Над 130 домакинства се изложени да опстојуваат во неприфатливи услови, за векот во кој живееме. Затоа, одговор побаравме и од Надлежните во ЈП Исар од Штип. Од истото информираа дека дефектот настанал вчера и на истиот се работело цел ден, дури и во вечерните часови. Но, со настанување на нов проблем нa цевка, пола Штипјани и денеска останале без вода. Работата продолжува па се очекува во попладневните часови Штипјани повторно да добијат вода. Останува на времето да покаже кога граѓаните на Штип конечно, ќе можат слободно да измијат раце, и без страв од рестрикции да ја користат истата.

Лаура Стојанова М-Нет