Ракометна сензација: Радовиш се врати во Суперлигата, Еурофарм Пелистер 2 испадна во Прва лига!

ФОТО: Телевизија М Нет

Ракометна сензација се случи вчера во Автокоманда, Радовиш го совлада Еурофарм Пелистер 2 со резултат од 26:27 и со тоа радовишани по една година експресно се враќаат во ракометната елита на Македонија.

Атмосферата беше повеќе од одлична, а побројна беше публиката од Радовиш, која беше поддржана од верната навивачка група “Лебари Исток”.

Натпреварот започна доста неизвесно, битолчани се обидуваа да се одлепат резултатски, но противникот играше гол за гол. Меѓутоа поради неискористените шанси, Еурофарм Пелистер 2 максимално казни и на полувреме замина со предност од 14:9 или плус пет.

Во вториот дел Радовиш се обидуваше да се врати резултатски, но младите пелистерци не дозволуваа противникот да се доближи.

Битолчани имаа предност од пет гола, а Радовиш бркаше негатива од четири до пет гола.

Интервенции на голманот Костадиновски го враќаа Радовиш во живот, но Еурофарм Пелистер 2 одново не дозволуваше да се загрози посериозно нивната предност, па во тие моменти Радовиш дојде до негатива од два гола при 17:15.

Пелистерци одново имаа четири плус, но неколкуте напади кои не ги реализираа го вратија Радовиш на минус два при 21:19, а тоа го вклучи црвениот аларм кај битолчани кои побараа тајм-аут.

Во финишот на мечот Радовиш поведе, а битолскиот тим од пенал израмни на 26:26. Во последните секунди од натпреварот Радовиш организираше напад, меѓутоа од целата таа ситуација доби само слободен удар. Иако речиси многумина во салата не очекуваа капитенот Здравко Постолов од слободен удар да го погоди противничкиот гол и натпреварот да се решава на пенали, се случи спротивното, Постолов со гол од слободен удар го однесе Радовиш во Суперлигата, за што вчера извести телевизија М Нет.

Младите ракометари на битолскиот тим со солзи во очите, неверување, седнати на подот во салата не можеа да го прифатат моментот дека нивниот тим испадна од Суперлигата и дека следната година ќе треба да се натпреваруваат во Првата ракометна лига.

Радовишани во Автокоманда ја прославија големата победа и враќањето во Суперлигата со верните навивачи, атмосфера која имавте можност да ја проследите преку камерите на телевизија М Нет.
Радовишани од следната сезона одновно ќе следаат суперлигашки ракомет, а тоа значидека во СРЦ „25-мај“ ќе гостуваат најдобрите македонски екипи.

Александар Ванев, М-Нет