Раздвиженост и полни тезги – вака може да се оцени денешниот пазарен ден во Штип

Раздвиженост, полни тезги, многу производи, со стандардни цени. Вака купувачите и продавачите на градскиот пазар во Штип го оценуваат денешниот пазарен петок, прв во месец февруари. Сѐ постабилната временска прогноза, го полни штипскиот пазар. Според продавачите, иако е пораздвижено, народ нема многу, а производи во изобилство. Цените, сметаат, сѐ уште не се покачени, производите се продаваат по речиси исти цени.

Според купувачите, пак, покачување на цените има. Сепак, секој различно оценува согласно со примањата и сопствениот буџет. Велат, овојпат има повеќе избор, бидејќи повеќето тезги се полни и има многу производи. Со топлото време и тие излегле да ги дополнат залихите претежно со овошје.

Денес само десетина тезги беа празни, останатите ги нудеа своите производи на купувачите. Се купуваше претежно јужно овошје, но и зелка, марула, компир и слично. Продавачите се надеваат дека раздвиженоста ќе биде сѐ поголема, кога и временската прогноза најавува уште потопло време следниот петок.

Ребека Спасова М-Нет