Пушење само во приватни клубови? Нови ограничувања пред усвојување

Пушењето цигари во иднина би можело да биде дозволено исклучиво во приватни клубови, доколку биде прифатен амандманот на Предлог-законот за заштита од пушењето, кој се наоѓа во собраниска процедура. Министерот за здравство во заминување, Азир Алиу, очекува законот да биде изгласан во наредните две недели и веднаш потоа да стапи во сила.

Според предложеното решение, приватен клуб е правно лице регистрирано согласно закон, кое располага со затворен простор со ограничен пристап, наменет само за регистрирани членови кои доброволно членуваат, плаќаат членарина и немаат пристап за пошироката јавност.

Но, експертската група која го изработи законот не го поддржува овој амандман. Според нив, дозволувањето пушење во приватни клубови нема да придонесе кон намалување на пушењето, ниту ќе има значаен ефект врз превенцијата, особено кај младите.

Законот предвидува забрана за користење и на класични и на електронски цигари во јавните институции, компаниите, образовните установи, автобуските станици и постојки, пазарите, местата со поголема фреквенција на луѓе, како и во автомобил доколку во него се превезува малолетно дете.

За непочитување на законските одредби се предвидени казни од 100 до 300 евра за физички лица, додека правните лица ќе плаќаат од 2.000 до 5.000 евра.

Угостителските објекти ќе имаат рок од една година да ги прилагодат своите тераси на новите правила, односно тие ќе треба да бидат отворени најмалку од две страни за да ги исполнуваат условите предвидени со законот.

Дајана Сандева, М-Нет