Проблеми со парното греење во детска градинка во Штип ги крена родителите на нозе

Ниските температури годинава придонесоа да грејната сезона започне неколку дена порано од предвиденото. Но и покрај овој факт дел од институциите во Штип се уште имаат проблеми со парното греење. И не било какви институции туку места каде што се згрижени најмалите, односно детската градинка во Ново село. Родителите во неколку наврати реагираа до нашата редакција дека нивните дечиња ја посетуваат градинката, но греењето не работи. Родителите не се задоволни истакувајќи дека и реагирале до надлежните служби.  Дали навистина парното греење не функционира во оваа градинка и на што се греат најмалите одговор побаравме од директорката Софка Атанасова. Таа истакна дека е запознаена со проблемот и дека истиот ќе биде надминат до петок.

„Да точно е дека парното греење не работи, но тоа не значи дека децата се оставени на студено. Им го посочив ова на родителите. Во сите занимални во кои се сметени дечињата имаа греење односно истите се греат со клима уреди. Истовремено, парното греење ќе биде поправено до петок и истото ќе биде во функција“ – кажа Атанасова.

Во меѓувреме, Атанасова им порача на родителите дека нивните деца се згрижени на сигурно и дека не се оставени на студено.

Лаура Стојанова М-Нет