Претставници на МВР од Одделот за внатрешна контрола во посета на албанската Агенција за надзор на полицијата

Делегација од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди предводена од помошник на министерот м-р Ивица Станковски, во организација на DCAF, Женевски центар за управување со безбедносниот сектор, одржа работна посета на албанската Агенција за надзор на полицијата. Делегацијата на Одделот беше пречекана од директорот на Агенцијата за надзор на полицијата Клевис Ќосе.

За време на посетата се разговараше за зајакнување на професионалниот интегритет на вработените и унапредување на внатрешните капацитети. Страните разменија искуства за организацијата и функционирањето на институциите за полициски надзор, методологиите за оперативни истраги, постапувањето по претставки од граѓани, механизмите за отчетност, како и предизвиците поврзани со зголемувањето на транспарентноста и јавната доверба.

Од особена важност беше истакнато зајакнување на регионалната соработка и споделување на најдобрите практики во областа на полицискиот надзор.

Претставниците на Агенцијата го презентираа албанскиот модел на полициски надзор, организациската структура и работните практики на Дирекцијата за истраги и Дирекцијата за инспекции и претставки, додека делегацијата од Одделот ја претстави организациската структура и ги сподели искуствата од приоритетите на Планот за професионален интегритет 2026–2028.

Текстот Претставници на МВР од Одделот за внатрешна контрола во посета на албанската Агенција за надзор на полицијата е превземен од МАКФАКС.