Прволигашот Башкими се засили со Сумер Хасан, прволигашите во финални подготовки во Анталија

Прволигашот Башкими од Куманово продолжува со засилувањата за вториот дел од сезоната, откако го претстави Сумер Хасан.

Се работи за 25-годишен дефанзивец кој настапуваше во косовскиот фудбал, а сега се враќа во македонскиот фудбал како нов фудбалер на прволигашот Башкими.

Хасан потекнува од школата на Шкупи, а беше дел од Вардар Неготино и Борец, а се очекува да биде освежување во редовите на тимот кој го води Блаже Јанакиевски.

Фудбалерите на Пелистер загубија на последниот тест одигран во Анталија, Турција од екипата на Пахтакор од Узбекистан со минимални 1:0.

Есенскиот шампион во Прва лига, Вардар закажа уште еден контролен натпревар кој ќе го одигра во Анталија, Турција против екипата на Сараево.

Овој натпревар е дополнително закажан, а ќе се игра со почеток од 17:15 часот по македонско време, а потоа останува да се одигра мечот со Алашкерт, кој е закажан за 2 февруари, по што Вардар се враќа во Македонија.

Пролетниот дел од Првата лига започнува на 7 февруари.

Александар Ванев, М-Нет