Прв отворен ден во Општина Штип, граѓаните се надеваат дека ќе им се решат проблемите

Прв отворен ден за граѓаните во Општина Штип. Градоначалникот, директорите на јавните претпријатија и претставници од одделенијата при Општината во холот на Салата на Совет на Општина Штип поединечно ги слушаа проблемите и барањата на граѓаните. Штипјани се согласни дека убаво е кога има вакви средби, но се надеваат дека ќе бидат корисни. Велат, не само да ги ислушаат, туку надлежните и да одговорат на нивните барања и да ги решат проблемите.

„Средбите се добри, а дали ќе има корист ќе видиме по разговорот. Граѓаните имат проблеми, ама истите од тука потекнуваат, надлежните го решавале проблемот, ама не го решиле. Пак, тука е главната алка. Затоа луѓето одат лично да се видат со градоначалникот.“

Градоначалникот Јорданов, пак, се надева дека ваквите средби ќе ја остварат целта – ќе ја вратат довербата на граѓаните. Како што рече, дополнително, ќе ја насочат и работата на Локалната самоуправа за да се работи на вистинските потреби на граѓаните.

„Интересот на граѓаните во овие изминати 100 дена во коишто сум нов градоначалник е еведентен дека имаат зголемен број на потреби, решавање на нивните проблеми и предлози коишто ги имаат. Затоа одлучивме секоја среда заедно со сите вработени под Локална самоуправа да бидеме нивен сервис, да ги сослушаме и да се потрудиме да ги решиме нивните потреби и барања. Јас ги охрабрувам сите наши граѓани во наредниот период секоја среда од 18:00 часот да ни се приклучат“, додаде Јорданов.

На првата среда граѓаните покажаа дека имаат голем интерес за ваквите средби, но велат добро е ако ова не остане овде.

Ребека Спасова М-Нет