Почна орањето на нивите во истокот, до крајот на ноември површините ќе бидат посеани

Почна орањето низ земјава, тракторите повторно се вратија на нивите по обилните дождови. Земјоделците велат дека условите се идеални за сеидба на пченица и јачмен иако работите почнаа со мало задоцнување. Потпретседателот на асоцијаца на земјоделци Гоце Серафимов, рече дека сега е вистинското време за орање, со што до крајот на следниот месец, сите површини треба да бидат посеани. Но, додека постарите ги подготвуваат нивите, прашањето е кој ќе го прави тоа во иднина? Младите се се помалку на нивите, а земјоделието полека останува без наследници.

,,Со орањето се почна сега интензивно затоа што пред неколку дена падна прилично добри дождови. Сега е ептен добро за спремање на површините за сеидба, тие што не беа изорани претходно. Малку со закаснување, меѓутоа пак е на време. Сега ќе се изора и право ќе се сее. По жетвата површините беа изорани еднаш, сега втор пат. Тие што не стасаа да ги изорат, сега ќе се орат прв пат и право ќе се спремат за сеидба. Сега е сменето и времето, до крајот на ноември се очекува сите површини да бидат посеани. Ќе се сее и јачмен и пченица, зависно површините.“, рече Серафимов

За разлика од претходните години, оваа година цената на откупот на пченицата и јачменот е со повисока цена. Како што истакна Серафимов, истата се очекува да достигне 15 денари следната година. Дека се уште треба, согласен е тој.

,,Па оваа година откупот почна со ниска цена, меѓутоа повеќето го складираа јачменот. Сега цената е малку покачена и цената се движи кон 15 денари, но ќе видиме понатаму што ќе се случи.“, додава Серафимов

Инаку, потпретседателот Серафимов, потенцираше дека претходно пченицата се продаваше по 12 денари. Оваа година, бидејќи имаше суша е намалено производството на пченката и за таа сметка ќе биде дополнета со пченица. Имајќи во предвид дека климатските услови се доста променливи во споредба со претходните години, Серафимов останува дециден дека до крајот на ноември нивите ќе бидат посеани со јачмен и пченица во истокот на државата.

Иван Митев, М-Нет