
Веќе е традиција учебната година да започне без учебници, а да заврши без свидетелства, вели претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, Христина Серафимовска. Наместо честитка по повод првиот ден од новата учебна година, вели Серафимовска, треба да се упати апел за зголемена свесност за одговорноста која ја имаме, но и да внимаваме што и колку толерираме. Посочува оти секоја следна владина мерка донесува само хаос и недоразбирање во образовниот процес.
„По сите преземени владини мерки, фактите велат дека во училиштата имаме преполовени паралелки, бидејќи граѓаните забрзано ја напуштаат земјата во потрага по подобра иднина на своите деца, демотивирани наставници со ниски плати, скратени ресурси, куп нејасни прашања поврзани со работните задачи, неизвесност и страв од губење на работното место, загрижени и финансиски оптоварени родители, бидејќи секоја владина мерка е на товар на семејниот буџет, збунети ученици кои се соочуваат со опасноста да се стекнат со половични, а некогаш и неточни податоци, наставни планови и програми кои се менуваат забрзано и неконтролирано. Веќе е традиција учебната година да започнува без учебници, а да завршува без свидетелства“, вели Серафимовска.
Од ОО на СДСМ Штип на ваквите забелешки на Серафимовска вратија во писмено соопштение. Посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ се последните кои имаат право да зборуваат за состојбите во образованието по пустошот од 11-годишното владеење.
„ДПМНЕ оставија милионски долгови по основ на греење и превоз кои мораше да ги раздолжување Владата на СДСМ, ладни училници во кои учениците мораа да следат настава во зимска опрема, како последица од тоа што безмилосно се трошеа пари на жални врби, споменици и фасади. Последица од тоа беше и катастрофалната состојба во делот не само на капитални инвестиции, туку и обезбедување на основните материјални трошоци неопходни за нормално функционирање на училиштата. Да не зборуваме за законските решенија како што се заменските наставници и екстерното оценување како инструмент за заплашување и казнување на наставниците. Очигледно ништо не е променето во однесувањето на ДПМНЕ, а како потврда на тоа е и докажаниот криминал со проневера на нафта наменета за греење на училиштата тежок неколку стотици илјади евра.“ – стои во писменото соопштение од ОО СДСМ Штип.
Ребека Спасова М-Нет