
Симпозиум и спомен плоча во Штип во чест на покојниот проф. д-р Себахатин Заим, професор во Истамбулскиот Универзитет со потекло од Штип. Во текот на денешниот ден беше реализирана програма со гости од Турција, со што се оддаде чест на животот и делото на проф. Заим и се воспостави соработка помеѓу двете држави.
„Навистина ми е чест и задоволство што денес Штип е домаќин на настан којшто е во чест на наш познат штипјанец, професор којшто долги години творел, делувал и дал посебен придонес во Р. Турција. Штипјанец којшто дал своевиден придонес во развојот на образованието во Турција, а потекнува од Штип. Имавме можност на еден симпозиум да се запознаеме со неговото животно дело и неговиот придонес“, истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
На настанот присуствуваа и министерот за дијаспора, заменик министерот за образование и наука, и ректорот на Државниот универзитет во Чанаккале „18 Март“. На соработка и голем број реализирани проекти се надева и ректорот на Универзитетот, кој на симпозиумот говореше за делото на проф. Заим.
„Би сакал да ви се заблагодарам за поканата да учествувам на овој симпозиум посветен на проф. Себахатин Заим, којшто е еден од најистакнатите универзитетски професори во Турција. Ми претставува огромно задоволство и чест да раскажам за неговите живот и дело и се надевам дека ќе ја продолжиме соработката и ќе реализираме голем број проекти“, истакна ректорот, проф. д-р Седар Мурат.
Како дел од програмата се одржа состанок во просториите на Општина Штип, по што следеше и симпозиум со пригодни говори. Спомен плочата за покојниот проф. д-р Себахатин Заим беше поставена во паркот К’ртеке, каде се засадија и дрвца.
Ребека Спасова М-Нет