
Позната е компанијата од каде истече боја која вчера вечер ја побеле Брегалница во течението низ Штип. Се работи за компанијата „Техникал Текстајл“ каде се излеала засега непозната количина на бела боја заради скинато црево од цистерната која врши дотур на боја за оваа компанија. Откако еколошкиот инцидент ги запали социјалните медиуми, на лице место излезе надлежен инспектор, крим техника од МВР и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
- „По извршениот увид вчера вечер констатирано е дека еколошкиот инцидент се случил во кругот на фабриката „Техникал текстајл“ во ТИР Зоната во Штип. Земени се мостри од водата, истите се испратени на анализа. Извршена е анализа на примероци од вода од водоводниот систем на градот и констатирано е дека водата во системот е безбедна за употреба и пиење“ – изјави Бочварски.
Земените мостри од белата течност се испитуваат, од Техникал Текстајл неофицијално го информирале градоначалникот дека бојата не предизвикува помор на живиот свет во реката. Денес рибарите не забележале помор на рибите, но конечните ефекти од побелувањето на Брегалница ќе бидат познати откако ќе се испитаат мострите. Штипјани се згрозени од последниот од многуте загадувања на Брегалница – велат дека само строги казни ќе стават крај на еко катастрофите.
Пред две години во неколку наврати Брегалница во Штип беше загадена и со интензивна црна и црвена боја. Тогаш инспекторите не го лоцираа виновникот, само констатираа дефекти во одводниот систем во поранешниот текстилен комбинат македонка.
Славица Величковска
Горан Христовски