
Пожарот на Серта се уште преставува главоболка за надлежните на терен. Гори во близина на полигонот Криволак, а огнот се провлекува кон Пенуш и река Брегалница. Иако од утринава се дејствуваше на неколку критични точки, сепак претстои опасност пожарот да се прошири. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, посочи дека се испратени дополнителен број на луѓе кои ќе дејствуваат во гасењето на пожарите.
„Овој момент пожар кој ни задава најмногу главоболки е пожарот на Серта кој се провлекува десетина дена. Од утринава пожарот е активен кај полигонот Криволак кој се провлекува кон Пенуш и реката Брегалница. Рано утрово група доброволци и ловци успеаја да го совладат крајот кој прескокна преку земјениот пат, но постои една жешка точка за која претстои опасност повторно да се прошири. На тоа место се испратени дополнителен број на луѓе.“ – вели Ангелов.
На Серта гори и кај селото Пухче, а пожарот се шири и кон селото Селце. Таму гори мешовита шума, а се гаси и од воздух. Воздухоплови се пуштени и денеска за да се стави под контрола пожарот. Проблем се екстремно високите температури, бидејќи не можат да делуваат воздухопловите.
„Вториот пожар на Серта е кај селото Пухче кон селото Селце каде гори мешовита шума, и вчера дејствувавме со воздухоплови и денеска повторно ќе дејствуваме со воздухоплови“ – додава Ангелов.
Пожарите на територија на државата се гасат со домашни ресурси. На располагање се трите ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, два Армиски хеликоптери и два полициски хеликоптери. На помош од странските е само црногорскиот хеликоптер. На терен се и припадници на Армијата и полицијата.
Лаура Стојанова М-Нет