Повторно лош ковид биланс во штипската болница, починале четири лица

Повторно црн ковид биланс во штипската клиничка болница. Во текот на изминатото деноноќие четири лица ја изгубиле битката со невидливиот непријател, тројца од Штип, две на 78 годишна возраст и едно лице на 86 годишна возраст и едно лице од Берово 75 години. Истовремено, новопримени се пет пациенти, а нема испишaн ниту еден. Со ова бројот на хоспитализирани е 50 од кои 48 на Инфективното одделение и две на Кожното, а три лица се на дневна амбуланта. Од хоспитализираните 29 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се девет лица. Слободни се 20 кревети за ковид пациентите, 12 на Инфективното одделение и осум на Кожното, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската болница на болничко лекување на Интерното одделение се 11 ковид пациенти, од кои шест се на кислородна поддршка, а седум се вакцинирани. Во изминатото деноноќие испишани се пет пациенти, а ново примени само двајца. Бројот на слободни кревети е 16, информираат од болницата.

Бројот на активни ковид случаи во општините од Истокот е 792, од кои најмногу во Кочани 223, во Штип 220 и во Делчево 120. Во останатите општини од Истокот бројката е двоцифрена вклучувајќи го и Пехчево каде моментално има активни 12 ковид случаи.

Според Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.450.215 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 212.375, бројот на оздравени пациенти е 196.636, на починати е 7.449, а бројот на активни случаи изнесува 8.290.

Лаура Стојанова М-Нет