
Се реализираат активностите од Програмата за уредување на градежно земјиште за оваа градежна сезона. Денеска асфалт добија и неколку краци од улици во штипската приградска населба Караорман. Градоначалникот, Иван Јорданов, при денешниот увид на активностите посочи дека станува збор за повеќедецениска потреба на жителите.
„Продолжуваат неделните активности во населба Караорман. Во изминатите денови се работеше на асфалтирање на неколку краци од улици, денеска продолжуваме. Очекувам три краци од улици да бидат асфалтирани, а коишто се предвидени во Програмата за уредување на градежно земјиште. Овие улички беа потреба на жителите и во комуникација со нив ја нотиравме таа потреба и, еве, денес по долги години, конечно, се асфалтираат овие улици“, вели Јорданов.
Дека по повеќе децении кал, добиваат асфалт, потврдија и жителите. Го поздравија потегот и посочија оти во 21. век ниту една улица не треба да биде во кал.
Месецов активностите на терен се спроведуваат во Три чешми, Балканска и Караорман. За асфалтирањето на неколку улички во овие населби од општинската каса се издвојуваат околу три милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет