
Планинарот Зоран Николов од Штип, член на планинарски спортски клуб Осогово од Кочани, продолжува да ги поместува границите во високогорството. По искачувањата на највисоките врвови во Америка и Европа, Аконкагва и Елбрус, Николов во изминатите дваесетина дена престојуваше во далечно Перу, во Јужна Америка, каде успешно искачи неколку планински врвови на надморска височина од над 4.000, 5.000 и 6.000 метри.
Покрај туристичката програма и посетата на локалитетите поврзани со древните цивилизации во Перу, штипскиот планинар го искористи престојот и за нови високогорски предизвици, потврдувајќи ја својата посветеност на планинарењето и освојувањето на високите планински предели.
Меѓу позначајните достигнувања од ова патување се искачувањата на Виникунка, висок 5.037 метри, Ел Симблар, на 5.350 метри надморска височина, како и Чачани, кој достигнува височина од 6.075 метри.
Овие искачувања претставуваат уште едно значајно поглавје во планинарската приказна на Николов. Пред две години тој го искачи Аконкагва, највисокиот врв во Америка, а минатата година успешно се искачи и на Елбрус, највисокиот врв во Европа.
Со новите достигнувања на перуанските планини, Николов продолжува да го потврдува своето искуство во високогорството и да поставува високи стандарди во планинарењето во источниот дел на Македонија.
Според неговата оценка, со досегашните достигнувања искачени на некои од најпознатите високи планини во светот, тој и понатаму е на врвот кога станува збор за планинарењето и високогорството не само во Штип, туку и во целиот источен регион на државата.
Успесите на Зоран Николов се доказ дека со упорност, посветеност и љубов кон планината можат да се остварат големи цели, дури и на височини над 6.000 метри надморска височина.
Александар Ванев, М-Нет