Паркова површина, спортски и детски игралишта ќе добијат жителите во населба Сењак 4 во Штип

Нов парк со спортски и детски содржини ќе добие и населба Сењак 4 во Штип. Модерно катче со многу нови содржини е предвидено да се уреди во просторот помеѓу улиците „Анте Банина“ и „Сајбие Демир“ во населбата. Според градоначалникот Јорданов, станува збор за простор којшто е заборавен со години наназад.

„Одлучивме да го направиме пристојно катче за сите генерации со нови содржини: со нова паркова површина, со уредување на просторот, со нови клупи, канделабри, целосно осветлување, со ново баскет игралиште, игралиште за мал фудбал со вештачка трева и со други детски реквизити за најмладите генерации. Се надевам дека во наредните месец дена овде ќе се работи интензивно и ќе успеме да направиме уште едно убаво место во оваа населба којашто била заборавена со години наназад“,

Според жителите на населбата, станува збор за вистинска потреба, бидејќи просторот со години е заборавен.

Во следните неколку месеца парк со повеќенаменски игралишта и нови детски реквизити ќе има и во населбите Осми ноември и Дузлак.

Според прелиминарната проценка, проектот за новиот парк во населба Сењак 4 е вреден нешто над 1,5 милиони денари, средства обезбедени од општинската сметка. Сепак, завршувањето на целосниот проект ќе ги утврди точните средства, кои како што вели Јорданов, се пари на граѓаните.

Ребека Спасова М-Нет