Паралелките во основните училишта во Штип со помалку од 20 деца, помали паралелки и во средните училишта

Сите основни и средни училишта на територија на Општина Штип годинава ќе формираат паралелки со помал број на ученици. Согласно Законот во основното образование минималниот број на ученици во една паралелка треба да биде 20, а во средното образование 25 ученика, но и годинава идентично како и претходните години ќе се формираат паралелки со помал број на ученици. Како главна причина се наведува иселувањето, а ова е проблем кој се појавува континуирано пред почетокот на учебната година.

„Нешто што стана пракса во последните неколку години се барањата од училиштата за формирање на паралелки со помал број на ученици. Согласно Законот за основно и Законот за средно образование е реулиран минималниот и максималниот број на ученици во една паралелка. Оваа година сите девет училишта имаат поднесено вакви барања“ – вели Аџипетров.

Последните неколку години во Штип се формираат паралелки со помалку од 20 ученика, а во дел од основните училишта има и по едвај 10 основци. Во ООУ „Ванчо Прќе“ во Штип има најмногу формирани паралелки односно шест, во ООУ „Димитар Влахов“ четири, а во останатите основни училишта по три паралелки.

„Имаме разлика меѓу основните и средни училишта. Законот за основно е релативно нов, додека Законот за средно е постар. За основно бројката на ученици во една паралелка треба да биде од 20 до 30 ученика, а во средно образование од 25 до 34 ученика. За жал во последните неколку години бројот на ученици во една паралелка се движи околу 20 и нешто“ – додава Аџипетров.

Официјалниот број на првачиња во основните училишта во Штип ќе биде познат наредната недела, бидејќи се уште не се решени барањата за реонизација.

Лаура Стојанова М-Нет