
Пазарна и МВР утринава влегоа на штипскиот пазар. Откако темата за „дивите пазарџии“ минатиот петок се актуелизираше, денеска десетина инспектори од Државниот пазарен инспекторат во придружба на полициски службеници го чистеа просторот околу штипскиот градски пазар. Отстранети беа сите кои продаваа по тротоарите околу пазарот, на потегот под пазарот, кај зградите, како и кон основното училиште „Гоце Делчев“.
Минатата недела од Општината излегоа на терен, а градоначалникот Јорданов упати апел до Пазарна и МВР да излезат и да ја завршат својата обврска согласно со надлежностите, велејќи дека тие како Општина не можат да направат многу.
Од Пазарна уште минатиот петок имаше инспектори на терен, а посочија дека на штипскиот пазар биле и во вторникот, кога иако не е пазарен ден, некои од пазарџиите се таму. Контролата сѐ уште е во тек и повеќе информации се очекуваат по завршувањето на истата.
За сите нив има место во самиот пазарот, истакна во една прилика раководителот на пазарот, бидејќи истиот во моментов е 50 – 60% исполнет со тезги.
Ребека Спасова М-Нет