Очевидец тврди дека вработен во Брзата помош пијан направил сообраќајка со личен автомобил, повредени две лица кај Ѕвегор

Очевидец од Делчево тврди дека во неделата пијан возач од Делчево предизвикал сообраќајна несреќа на излезот од селото Ѕвегор, при што биле повредени две лица, а за настанот според неговите тврдења, воопшто не се пишувало по медиумите.

Очевидецот за М-Нет телевизија вели дека возачот е вработен во Итната медицинска помош, што отвора дополнителни прашања за неговата професионална одговорност.

,,„Во неделата на излезот од Ѕвегор се случи сообраќајка со пијан возач од Делчево. Колку што знам, човекот работи во Брзата помош, а чудно е што за настанот речиси ништо не се слушна во јавноста“, вели очевидец од Делчево

Од СВР Штип го потврдуваат настанот, посочувајќи дека кај возачот биле измерени 1,99 промили алкохол, а во незгодата две лица се здобиле со телесни повреди. По целосното документирање ќе следува соодветна пријава.

,,Ве известуваме дека на 15.11.2026 околу 20:16 часот во село Звегор, делчевско се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило “фолксваген голф” со делчевски регистерски ознаки управувано од Д.С. (38) од Делчево и патничко возило “фолксваген поло” со делчевски регистерски ознаки управувано од С.С.(24) од село Звегор, делчевско. При преземање мерки било констатирано дека Д.С. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,99 промили на алкохол во организмот. Со телесна повреда се здобиле С.С. и нејзината сопатничка В.С. (28) од селото. За настанот е известен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе следува соодветна пријава. Увид бил извршен.”, соопштуваат од СВР Штип

Дополнително, нашата телевизија се обрати и до директорката на Здравствениот дом во Делчево, Билјана Георгиева, која во телефоснки разговор за М-Нет ТВ потврди дека е запозната а случајот. Истакна дека се чекаат официјални извештаи за утврдување на одговорноста на возачот и доколку се утврди вина, ќе бидат превземени сите неопходни мерки против него.

Иван Митев, М-Нет