Оризопроизводителите од кочанско повторно на протест, патот блокиран – ветувањата неисполнети

Оризопроизводителите од кочанско утринава повторно на протест, со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента од патот Кочани -Штип кај село Облешево. Незадоволни, револтирани и излажани како што велат тие, со моменталната цена на оризовата арпа немаат пари да ги покријат ниту основните трошоци за живот.

„Пропаст, ние пропаѓаме удолу пропаѓаме. Сега губрето ми кажуват уреата било 2200 денари, па како јас да вложувам, да работам, да сеам кога треба да дадам се што имам во џеб, а буквално веќе нема пари, ние се што имавме се дадевме“

И покрај средбата на оризарите од кочанско со премиерот Заев и Министерот за земјоделие Хоџа, резултати нема. Жетвата е започната но, произведувачите на бело злато велат нема да жнеат, полето ќе остане празно, а тие ќе мора да баараат нов начин за егзистенција.

„Оризот не се откупува, а и тој што се откупува се зема по цена од 16 денари по килограм. Ние на премиерот веќе не веруваме, мислевме дека се е стабилизирал и дека не лаже, меѓутоа испадна дека е голем лажго. Апелирам земјоделците да ги затворат и двете ленти, четири, пет години разговараме меѓутоа резултатите се никакви. Еден ѓеврек е како два килограми арпа“

Од Синдикатот на земјоделци во целост го поддржуваат протестот на оризопроизводителите со издвојување на неколку важни точки кои мора да бидат исполнети.

„Се соочуваме со условно речено преживување на земјоделците кои не можат да ги завршат ниту жетвените обврски. Неопходен е итен ангажман од страна на Министерството и на Владата, за изнаоѓање на соодветни решенија. Прво би било итна исплата на субвенциите на оризопроизводителите“ – кажаа од синдикатот.

Оризопроизводителите се соочени со проблемот како да опстојат, а иста е судбината и на останатите земјоделци, додадоа од Синдикатот. Доколу не се изнајде соодветно решение протестите ќе се радикализираат, со поголеми блокади на патот.

Лаура Стојанова М-Нет